Десет најпопуларни геотермални извори во Русија

Паратунка, Камчатка

Паратунка, Камчатка

Legion Media
Овде можете да излечите цела листа на болести. И покрај фактот дека геотермални води може да се најдат низ целата земја, најголемиот број бањи сè уште се наоѓаат на Кавказ и во Сибир.

Одморот „на вода“ пред неколку века бил достапен само за високото општество, а во советско време низ целата земја беа изградени санаториуми за обичниот свет, работниците и селаните. Најстарите бањи сè уште се наоѓаат во поранешните дворци и благородничките имоти (повеќе за тоа прочитајте овде). Современите термални извори се комплекси каде покрај здравствениот сегмент постојат и забавни програми, и цели паркови во планините или шумите.

1. Кавкаски минерални води

Пјатигорск

Руските класици сакале да го поминуваат летото овде, од Александар Пушкин до Лав Толстој. Кавкаските минерални води се најстариот бањски регион во земјата, во кој (покрај лекување и одмор) се флашира и минерална вода, која потоа може да се купи во продавниците низ целата земја.

Најпознати бањски одморалишта се Пјатигорск, Кисловодск, Железноводск, Есентуки и Лермонтов, а во секое од нив има десетици санаториуми и павилјони изградени на извори во кои водата може да се пие. Лековитите води се разликуваат по температурата и минералниот состав. Покрај тоа, во Пјатигорск има извори на радонска вода со мал процент на радијација од природно потекло.

Пјатигорск

Дури и ако не планирате да се лекувате во бањите, имајте на ум дека КавМинВоды важат за интересен туристички регион во земјата. Тоа се стари градови со прекрасни имоти, раскошни паркови и феноменални планински погледи. Повеќе за споменатиот регион можете да прочитате овде.

2. Бања Мацеста

Мацеста

Градот Сочи е најпознатата бања во земјата уште од советско време. Најголемиот број туристи е привлечен од плажите на брегот на Црното Море, но во реонот на градот има и голема бања со минерални води во долината на реката Мацеста. Позната е по изворите на водород сулфид кои помагаат во лекување на женски болести и закрепнување од изгореници и операции.

3. Горјачи кључ

Горјачи кључ

Ова место, оддалечено педесетина километри од Краснодар, е познато како бањско уште од шеесеттите години на деветнаесеттиот век. Прво биле изградени бањи и парк, а потоа околу бањата никнал градот Горјачи Кључ.

Горјачи кључ

Локалните минерални води помагаат во лекувањето на болестите на органите за варење. Во павилјоните изградени на изворите, покрај за корисниците на санаториумот, водата е на располагање и на сите останати туристи.

4. Белокуриха

Белокуриха

Најпознатиот бањски регион во Сибир! Во Белокуриха (Алтајски крај), како и во Пјатигорск, се наоѓаат природни извори на термални води со покачена содржина на радон. Иако локалните води се проучуваат уште од 1860-тите, бањата со санаториуми и инфраструктура е изградена дури во 1920-тите. Денес во регионот има дваесет санаториуми со различни програми за лекување, вклучувајќи и лекување со планински воздух.

Белокуриха

Инаку, Белокуриха е едно од најтоплите места во Сибир, со благи зими! Во јануари температурата се спушта на десет до дванаесет степени под нулата, а зимите речиси никогаш не се екстремно студени.

5. Тјумен

Тјумен

Термална престолнина на Русија, така со гордост се опишува сибирскиот град Тјумен. Градот е опкружен со дваесетина термални извори кои се појавиле на местото на топлото Западносибирско Море пред милиони години. Температурата на тјуменските термални извори варира помеѓу 26 и 48 степени Целзиусови и избива од бунар длабок 2500 метри. Во овие извори буквално се содржи целата табела на Менделеев!

Тјумен

За одмор и подмладување во Тјумен класичниот санаториум не е единствениот избор. Има и СПА хотели и термални паркови. Овие места се исклучително популарни за семеен одмор.

6. Саки

Саки

Крим не асоцира само на море, туку и на изобилство на лековита кал од „мртвите езера“ и геотермалните извори кои содржат азот и водород сулфид. Најпознат бањски центар е градот Саки, кој се наоѓа во близина на истоименото розово езеро со лековита солена вода. А во педесеттите години на минатиот век овде е откриена и минерална вода со азот.

7. Паратунка

Паратунка

На Камчатка, полуостров оддалечен од руското копно, се концентрирани голем број активни вулкани, гејзири и термални води. Ги има толку многу што се користат за греење на зградите и производство на електрична енергија.

Паратунка

Населбата Паратунка е најпознатото одморалиште на полуостровот, изградено во советско време и околу седумдесет километри оддалечено од Петропавловск-Камчатски, главниот град на регионот. И покрај фактот што зимите на Камчатка се сурови, со температури и до минус триесет, па дури и четириесет степени, водата во термалните извори останува врела. Во санаториумите се лекуваат болести на кожата и нервниот систем.

8. Висорамнина Лаго Наки

Лаго Наки

Република Адигеја се наоѓа во опкружување на Кавкаските планини и има голем број термални извори. Повеќето санаториуми, СПА хотели и базени се наоѓаат околу импресивната висорамнина Лаго Наки. Во Адигеја има и многу „диви“ извори кои воопшто не се опремени, а настанале во времето кога геолозите дупчеле дупки во потрага по нафта.

9. Аушигер

Аушигер

Република Кабардино-Балкарија е уште една бањска дестинација на Кавказот. Лековитите води на бањата Аушигер се откриени во педесеттите години на минатиот век, кога се бараше нафта, како и во Адигеја. Температурата на водата во изворите е околу педесет Целзиусови степени во текот на годината. Содржи хлор, натриум и јаглеводороди.

10. Aршан

Аршан

Во подножјето на планините Сајан во Бурјатија има прекрасни природни извори на минерална вода. Бањата Аршан е отворена во 1920 година и не подразбира само лекување со минерална вода и кал, туку и со планинска клима, како и со пејзажот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња