Најтопол регион во Русија е јужниот Краснодарски крај, каде се наоѓаат популарните бањи на Краснодар, Сочи, Анапа и Геленџик. Меѓу нив со својот летен максимум се издвојува Сочи со +39 степени Целзиусови. Звучи парадоксално, но токму во Сочи беа одржани Зимските олимписки игри во 2014 година.
Lori/Legion-Media
По овој светски спортски настан, некогашното советско бањско гратче, каде на секој агол се продава шашлик (руски раженчиња) и се пее караоке, стана среден мегаполис со кафулиња, ресторани и со продавница со стока за сечиј вкус.
Lori/Legion-Media
Па, сепак, дури и по олимписката модернизација жешкиот јужен град не го изгуби својот историски бањски шарм. Тука и понатаму можат да се видат жени кои на +10 шетаат во бунди, а на прашањето зошто го прават тоа, одговараат: А, кога инаку би носеле бунди? На плажа сѐ уште можат да се купат лепливите чучхели, грузински слатки од ореви нанижани на конец и потопени во жежок и густ сок од грозје.
Лубеници се одгледуваат во многу региони на Русија, па дури и во сибирската Евенкија, но сепак поради топлата клима тие се најубави во Астрахањ каде налето просечната температура изнесува +25 степени. Тие се црвени и слатки, пукаат кога во нив ќе се зарие ножот... На ова место треба да се дојде во август и да се посети фестивалот „Руска лубеница“, каде можат да се дегустираат различни видови од овој вкусен плод. Може да се проба дури и „месечинска“ жолта лубеница што ја одгледуваат локалните земјоделци.
TAСС/Максим Коротченко
Лубениците не се единствено нешто поради кое треба да се посети топлиот Астрахањ. Една од причините е и средбата со реката Волга која тука се влева во Касписко Море. Приватни фирми во Астрахањ изнајмуваат бротчиња и чамци, а туристичките агенции имаат и своја понуда за рибарење. Треба да се знае дека покрај лубениците, најдобар астрахањски подарок е воблата (Rutilus caspicus), како и други риби кои можат да се купат на главниот рибен пазар Селенские Исади. И, секако, не заборавајте да го посетите прекрасното Астрахањско кале, кое е изградено за време на владеењето на Иван Грозни кон крајот на 16 век.
Shutterstock/Legion-Media
Се смета дека Јалта и Севастопољ се најтоплите градови на Крим, но во Евпаторија температурата може да достигне и до +41 степен Целзиусов. Овој град има само 100.000 жители. Покрај сончањето и излежувањето на плажите, гратчето ќе ви биде интересно и поради трагите кои тука ги имаат оставено многу народи.
Alamy/Legion-Media
На пример, во стариот дел од градот можете да го почувствувате пријатниот и мирен амбиент во кој некогаш живееле Караимите. Тука се „кенасите“, караимски богомолки со елегантен изглед, и кафулињата „Карман“ каде се служи караимскиот специјалитет (а, тој е препознатлив симбол на Евпаторија) „јантик“, односно пирошки од нежно тесто со месо, или „хомур-долму“, минијатурни пељмени за кои величината била определувана со помош на венчален прстен.
TAСС/Алексеј Павлишак
Додека во прошетката низ градот гледате како да се скриете од сонцето, можете да наидете на џамијата Џума-Џами, и на грчкиот Храм на светиот Пророк Илија со прозорци од витраж, како и на старите турски бањи кои на Крим се зачувани само во Евпаторија.
Во руската република Дагестан, која поради сложениот релјеф уште се нарекува и „земја на планините“, се наоѓа Махачкала, еден од најтоплите градови во Русија. Тука летната температура достигнува +38 степени Целзиусови. Во Махачкала како на никое друго место може да се ужива во топлите вечери. На пример, можете да прошетате до стариот светилник на височинката опкружена со тесни улички и ниски куќи, или да седнете на песочната плажа на Касписко Море.
TAСС/Вјачеслав Прокофјев
Но, најдобро е да си купите од легендарниот дагестански коњак или вино и да се качите на врвот на Тарки Тау, од каде се отвора најубавиот поглед на Махачкала и на Касписко Море. Тука порано минувал Патот на свилата, а денес тука се наоѓа населеното место Тарки со само илјада жители.
TAСС/Дмитриј Рогулин
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче