Како термалните извори греат цели населени места на Камчатка на -30°C

Legion Media
Во оддалечените населени места на Далечниот Исток на Русија се наоѓаат необични електрани. Тие не работат ниту на јаглен, ниту на електрична, ами на геотермална енергија. Како функционира сето тоа?

Електрификацијата на земјата беше една од сеопфатните задачи на болшевиците по Револуцијата од 1917 година. Научниците ги „скротија“ водата и ветерот во потрага по нови извори на енергија, без кои индустрискиот развој би бил невозможен. А, на Далечниот Исток пронајдоа уште еден алтернативен начин за производство на енергија.

Советски експеримент

Полуостровот Камчатка (Камчатски крај) и Курилските острови (Сахалинска област) се краишта коишто се оддалечени од централниот дел на Русија, кои се карактеризираат со висока концентрација на активни вулкани, гејзери и термални води. Овие извори и претходно биле користени ја греење на домовите, но трансформацијата на пареа во електрична енергија започнала дури во 20 век.

Првата геотермална електрана во светот е направена во Тоскана, Италија, во 1904 година. Таа и денес го снабдува населеното место Лардерло. Додека советските научници своите испитувања на Камчатка ги започнаа по Втората светска војна.

За место на изградба на првата геотермална електрана беше избрано населеното место Паужетка на самиот југ на полуостровот, во близина на Озерновските термални извори. Во 1966 година започна со работа експерименталната електрана и таа до денешен ден ја напојува целата Озерновска градска населба (со околу 2 илјади жители) заедно со претпријатијата за преработка на риба.

Денес нејзиниот капацитет на производство изнесува 12 мегават часови. Освен со струја и со греење, електраната го снабдува населеното место и со топла вода за одгледување зеленчук во стакленици (што многу придонесува за производството, зашто тука температурата дури и налето е околу 10°C).

Производство без отпад

Во 1967 година Советскиот Сојуз на 70 километри од престолнината на Камчатка Петропавловск-Камчатск, во близина на населените места Партунка и Термаљни, ја пушти во употреба првата бинарна геотермална електрана на светот. Станува збор за електрана од затворен тип, во која термалната вода учествува во испраувањето на течноста со ниска точка на вриење (конкретно тука обично се користи фреон кој врие на 51,9°C). А, турбините се движат со помош на добиената пареа. Така, за работата на геотермалната електрана можат да се користат и извори со пониска температура на водата.

Токму овие станици имаат иднина, сметаат современите научници, со оглед на тоа дека на планетата има малку извори со висока температура на водата, додека водата со средна температура е прилично честа.

Советскиот Сојуз можеше и понатаму да ја развива експлоатацијата на гејзерите, но во седумдесеттите години од минатиот век поради кризата на Блискиот Исток цената на нафтата беше зголемена за четири пати и понатамошниот развој на геотермалната енергетика изгледаше бесмислено. Во СССР токму тогаш беа откриени големи резерви на фосилни горива, кои на европските земји им обезбедија економски процут, а на Советскиот Сојуз сигурен извор на приходи (подетално прочитајте тука).

На развојот на алтернативните извори на енергија повторно се навратија дури кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век, кога ЦК на КПСС донесе одлука за развој на Далечниот Исток на земјата. Меѓутоа, неколку години подоцна СССР се распадна и геотермалната енергетика остана запоставена во текот на следните десетина години.

Каква е ситуацијата денес?

Денес во Русија функционираат четири геотермални електрани, од кои три се наоѓаат на Камчатка и една на Курилските острови. Освен Паужетската, кон крајот на деведесеттите години наместо Паратунската беа пуштени во функција две нови електрани Верхне-Мутновската и Мутновската – на југот од полуостровот, во подножјето на Мутновскиот вулкан во Елизовскиот реон (кадешто живеат над 50 илјади луѓе). Тие работат заедно со локалните термоелектрани и хидроелектрани, испраќајќи ја својата енергија во заедничката електромрежа на Камчатка. Овие геотермални електрани се изградени така што се земени предвид локалната сеизмичка ситуација и можат да издржат земјотрес со јачина до 9 степени.

Менделеевата геотермална електрана на островот Кунашир (најјужниот курилски остров) е отворена во 2002 година. Нејзиниот капацитет изнесува само 7.4 мегават часови, но притоа со нејзина помош се снабдуваат со струја и со греење домовите и претпријатијата за преработка на риба во Јужно-Курилск, кадешто живеат 7 илјади луѓе.

Во овие краишта постојат и населени места кои во целина се греат со помош на термалните извори: Есо, Термаљни, Паратунка. Тоа денес се популарни лековити бањи.

Термалните води се обновлив и практични неисцрпен ресурс. Овие електрани не трошат многу вода и не ја загадуваат атмосферата. Сепак, тие имаат сериозен недостаток: нивниот коефициент на корисно дејство е низок, околу 10% (кај обичните термоелектрани е 40%, а кај хидроелектраните над 90%). Иако нивниот удел во вкупната енергетика на Русија е помал од 1%, на Камчатка се незаменливи, зашто други извори на енергија на овие места се тешко достапни и скапи. Производството на електрична енергија во геотермалните електрани тука е 2-3 пати поевтино одошто во тамошните термоелектрани токму поради тоа што нивното гориво се носи од далеку.

Друг перспективен регион во кој се користи геотермалната енергија денес е Северен Кавказ, каде некои населени места се греат со помош на термални извори, а се разгледува и можноста за изградба на геотермални електрани.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња