Снежни овци на висорамнината Путорана: староседелци на непристапните планини на Крајниот Север

Дмитриј Болдирев/Путорански резерват
Високо во планините, таму каде што човечка нога никогаш не стапнала, своето засолниште го нашло едно прекрасно животно, одвоено од најблиските роднини илјадници километри. Да погледнеме како живее путоранската снежна овца.

Платото Путорана е џиновски планински венец далеку зад Северниот поларен круг. Овој предел спаѓа меѓу најзафрлените подрачја на светот и е тешко достапен за обичниот човек. Познат е по своите фантастични пејзажи во кои доминираат високи брегови со рамни врвови, избраздени со водопади и длабоки кањони.

На овие места живее путоранската снежна овца, подвид на снежната овца. Нејзините најблиски роднини се оддалечени илјадници километри и живеат на северот на Јакутија.

Пустиници на карпестите предели

Снежната овца во Русија живее главно во Јакутија (таму ја нарекуваат „чубука“), на Камчатка, Чукотка и Сахалин. Преку 70 илјади единки ги населуваат планинските предели на Источен Сибир и на Далечниот Исток. Роднини на снежната овца живеат и во Северна Америка и во Азија.

Речиси насекаде популациите на снежната овца се прилично изолирани. Тие за живеалиште избираат скриени карпести области. Најнеобичниот подвид на снежната овца живее на висорамнината Путорана. Тоа е западната граница на нивното живеалиште која е оддалечена преку илјада километри од популацијата што живее во Јакутија.

Во науката се смета дека снежната овца се населила овде пред 12000 години, кога поради глобалното затоплување и климатските промени во северниот дел на Источен Сибир, на местото на пасиштата пораснале шуми. На снежните овци им одговарал путоранскиот планински предел  бидејќи во случај на опасност лесно може да се сокријат меѓу карпите.

По изглед путоранските снежни овци не се разликуваат значително од нивните роднини. Тие се набиени, со силни рогови кои се виткаат наназад и бело крзно на надворешната страна на нивните задни нозе. Роговите им растат во текот на нивниот живот и по нив се разликуваат мажјаците од женките. Мажјаците имаат дебели рогови, додека женките имаат тенки рогови.

Тешко е да се избројат

Путоранската снежна овца е запишана во Црвената книга на Русија како животински вид чија бројност опаѓа. Со цел да се зачува овој подвид, во 1988 година беше основан Путоранскиот резерват. Ловот на снежни овци овде е забранет.

Тешко е да се одреди точниот број на единки. Според некои извори, ги има околу 1500, а според други близу 6000. Стадото се смета за големо доколку брои 20 единки. Овците живеат на ограничени територии на платото, но нема точни податоци за границите на нивниот ареал.

На бројноста на снежните овци влијаат грабливците (волците и месојадите), но и природните фактори.

Посвоени внуци

Научниците обрнаа внимание на една интересна „семејна традиција“ до која се придржуваат путоранските снежни овци.

Мажјаците и женките живеат одвоено поголемиот дел од годината. Младите мажјаци имаат свои стада кои го сочинуваат сродни единки, т.е. нивните браќа и роднини.

Сезоната на парење започнува во ноември и декември. Овните со своите рогови си ги одмеруваат силите на „турнири“. Победникот добива право да ѝ се додворува на женката. На крајот на пролетта, парот раѓа младенчиња. Младите мајки формираат „матични стада“, додека младите татковци, откако ќе го исполнат повикот на природата, му се враќаат на претходниот начин на живот.

Во дивината „семејствата“ обично се состојат од мајки и младенчиња. А кај стадата путорански снежни овци, научниците забележаа и „баби“. Тие се грижат за своето потомство, но и за своите, па дури и за туѓите внуци. Веројатно тоа е последица на посуровите услови за живот отколку во другите живеалишта на овие животни. Младите мајки учат од искусните како се одгледува потомство.


При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња