Црвениот не е единствениот: Ова се 10 најубави московски плоштади

Legion Media
Секој од овие плоштади има само нему својствена архитектонска нота и фасцинантна историска позадина која враќа во минатото! Одберете си омилен плоштад!
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

1. Црвен плоштад

Ова е главниот московски плоштад, од каде започнува запознавањето со градот. Ѕидините на Кремљ од црвена тула, мавзолејот на Ленин, споменикот на Минин и Пожарски, храмот „Василиј Блажени“ - тука можете да поминете цел ден, посетувајќи разни музеи и историски знаменитости. Внатре во ГУМ (најстарата и една од најскапите стоковни куќи во Москва) се наоѓа „тајна“ кантина уредена во советски стил со мошне пристапни цени.

 2. Бел плоштад

Замислете ги рефлектирачките фасади на модерните деловни згради кои ја отсликуваат православната црква „Св. Николај Чудотворец“ од почетокот на ХХ век - токму таквиот контраст го прави Белиот плоштад во близина на метро станицата „Белоруска“ многу привлечно место за разонода. Тешко е да се поверува дека на почетокот на 2000-тите овој плоштад беше само обичен коловоз со паркинг. По редизајнирањето црквата стана доминантна карактеристика на плоштадот, спектакуларно истакнувајќи се во однос на новите згради. Исто така, љубителите на уличната архитектура можат да уживаат и во апстрактните скулптури сместени меѓу зградите.

3. Хитровски плоштад

Хитровскиот плоштад (познат и како Хитровка) и неговите улици особено живописно ги опиша Владимир Гиљаровски во неговата книга „Москва и московјаните“ (1926), нарекувајќи го „најсомнителното место во Москва“ - целејќи, се разбира, на неговата репутација. Во тоа време, плоштадот најчесто се споменуваше во весниците во контекст на криминалот: јавни куќи, казина, сомнителни пазари. Денес тоа е еден од најдобро одржуваните плоштади во Москва, каде што можете да видите урбани вили од XVIII и XIX век и стари станбени згради и да талкате по тесните, мистериозни улички.

4. Хохловски плоштад

На местото на Булеварскиот прстен пред околу три века постоел ѕид на тврдината на таканаречениот Бел град - тоа бил историскиот назив на неколку окрузи зад Китај-Город. На почетокот на 2000-тите фрагмент од овој ѕид стана центар на Хохловскиот плоштад - едно од омилените места на московската младина. Планирано е на плоштадот да се изгради трговски центар, но работниците неочекувано ископаа дел од ѕидот на Белиот град. Московјаните на референдум изгласаа на ова место да се направи јавен простор, а реновираниот плоштад беше претворен во амфитеатар со поглед на археолошкиот експонат. Околу него има многу модерни кафулиња, а во топлите денови голем број млади луѓе се собираат во „Јама“, како што ја нарекуваат мештаните.

5. Павелецки плоштад

Плоштадот кај Павелецката железничка станица е нова пешачка зона која беше отворена кон крајот на 2021 година. На горното ниво се светлечки лулашки, удобни клупи и прекрасен парк; под него - музичка фонтана (или лизгалиште во зима) и разни инсталации, а на долното ниво - трговски центар со продавници на познати модни брендови и гастрономски уживања. Можете ли да замислите дека овој плоштад долго време беше напуштен, и еднаш дури и означен на картата како „Павелецка бара“, бидејќи постојано беше поплавен после дождот? Новиот концепт изгледа многу атрактивно!

6. Универзитетски плоштад

Огромниот плоштад пред Московскиот државен универзитет е една од најпрепознатливите панорами на Москва. Ова е широко отворен простор со фонтана, цветни тревници и алеја со споменици на истакнати руски научници. Универзитетскиот плоштад завршува со главната опсерваторија на Москва на Воробјови Гори и станицата на жичницата.

7. Триумфален плоштад

Невозможно е да не се забележат огромните лулашки во близина на метро станицата „Мајаковска“! Во советско време постоеше традиција на поетски средби кај споменикот на Владимир Мајаковски - секој можеше да дојде и јавно да ги прочита своите песни. Во 2015 година на плоштадот се појави нова атракција – низа огромни бели лулашки, кои ги враќаат возрасните во детството. Плоштадот го краси и поглед на хотелот Пекинг во стилот на Сталиновиот ампир.

8. Плоштад на револуцијата

Еден од централните плоштади на Москва, кој се наоѓа веднаш до излезот од истоимената метро станица. Иако плоштадот е реновиран повеќе пати, и понатаму можете да ги видите старите московски згради од различни епохи и да се искачите по стрмните скали до туристичката улица „Никољска“. На плоштадот се одржуваат и тематски панаѓури во текот на целата година, а зиме е бесплатно лизгалиште.

9. Пушкинов плоштад

Овој плоштад, кој го носи името на рускиот поет Александар Пушкин, е едно од најпознатите места во Москва. Таму често се одржуваат саеми, концерти, градски настани, а московјаните сакаат да го поминуваат слободното време таму. Зад споменикот на Пушкин има огромна фонтана и многу цветни леи - лете овде е едноставно прекрасно.

10. Театрален плоштад

Ако сте љубител на театарот и архитектурата, тогаш ќе ви се допадне Театралниот плоштад, каде што се наоѓаат главните московски театри - Болшој (и историската зграда и новата сцена), Малиот и Молодјожниот (Младински) театар, со една од најубавите фонтани во градот која го краси центарот на плоштадот. За оние кои уживаат во луксузниот шопинг, тука е и ЦУМ, трговски центар со најлуксузните нешта од целиот свет.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња