Најубавите кањони на Русија

Legion Media
Каде можете да најдете пејзажи како од Марс и да се искапете во „изворот на младоста“? Создадени природно или со учество на човекот, овие убавини заслужуваат да ги видите барем еднаш во животот.

1 – Сулачки кањон, Дагестан

Еден од најголемите кањони на светот се наоѓа во Дагестан, во долината на реката Сулак. Долг е 53 километри, а длабок над 1900 метри. Од таква висина реката изгледа како мал поток, иако тоа е еден од најмоќните водотеци во регионот. Сулачкиот кањон е една од омилените туристички дестинации на оваа планинска република. Убав е во секое време од годината, а особено лете и зиме. Недалеку од видиковецот се наоѓа Чиркејската хидроелектрана, најмоќната на Северен Кавказ, до која се организираат обиколки и по чие вештачко езеро можете да се повозете со моторен чамец.    

2 – Мермерен кањон, Карелија

Кањонот Рускеала не го создала природата. Се наоѓа недалеку од градот Сортавала, а настанал како резултат на повеќегодишна експлоатација на мермер. Инаку, величествениот мермер од Карелија ги покрива Исакиевскиот собор и Михајловскиот замок во Санкт Петербург. Во Рускеала камен се вадело до почетокот на 20 век, а потоа рудниците биле потопени. Денес на ова место се наоѓа планинскиот парк Рускеала. Посетителите можат со чамец да се повозат по тиркизната вода на мермерниот кањон, да прелетаат од едниот до другиот негов крај со помош на зиплајн или да се спуштат на неговото дно со опрема за нуркање.

3 – Голем кањон, Крим

Во центарот на планински расед на овој кањон во Бахчисарајскиот реон на Крим се наоѓа Изворот на младоста, мало езеро чија вода е богата со сребро. Легендата вели дека капењето во ова езеро подмладува. Како и да е, во Големиот кањон има што да се види: Тисовиот водопад, кој се слева меѓу огромни камења, Синото езеро, во кое температурата на водата преку годината е околу 10 степени, „Јаболковиот премин“, место на кое извира силен планински извор. Љубителите на долгите прошетки по планинските предели тука ќе најдат оаза за себе.

4 – Кањон Кок-Асан, Крим

Малиот кањон на Крим или Кок-Асан („Сина полјана“) е уште една прекрасна клисура на Крим. Се наоѓа во Белогорскиот реон недалеку од летувалиштето Морское. Кањонот го добил името поради присуството на сина глина во почвата, која на одредено осветлување се рефлектира во водата и го бои воздухот со синкава маглина. А тука е и неверојатниот водопад „Руские горки“: замислете си вода која во слапови паѓа од висина од 20 метри! Како и во Големиот кањон, и во Кок-Асан постојат „извори на младоста“ со ледена вода. остојат и извори на пријатели со мраз во Кок-Асан.

5 – Опасен кањон, Камчатка

Камчатка е неверојатно живописен регион, познат по вулканите и гејзерите. Кањонот со водопад наречен Опасен се наоѓа токму во реонот на кратерот на вулканот Мутовски 60 километри од главниот град на регионот Петропавловск-Камчатски. Овде е навистина прилично опасно да се шета: рабовите на стрмните карпи може да се урнат секој момент, па затоа е подобро да уживате во погледот од безбедното растојание. Водата на ова место не е поволна за живиот свет, бидејќи е заситена со сулфурни киселини и штетни материи. Но, затоа пак погледот е фантастичен!

6 – Кањоните на висорамнината Путорана, Тајмир 

Висорамнината Путорана е едно од најнепристапните места во Русија, но и едно од најубавите. Денес тоа е заштитен природен резерват во Сибир (најблискиот град е Нориљск), буквално испресечен со водопади и величествени кањони. А наоколу ни жива душа. Само ретко можете да видите љубопитна снежна овца или лисица. Патем, географскиот центар на Русија се наоѓа токму тука, во езерото Виви.

7 – Разнобојни планини, Алтај

Во долината на реката Кизил-Чин („Црвена клисура“) во Република Алтај, недалеку од Чујскиот автопат, има пејзажите кои потсетуваат на глетки од Марс. Карпите во оваа област содржат бројни соли на метали и минерали: железо, манган, хром, кварц, калцедон. Нивната комбинација му дава на кањонот нереална обоеност. Значи, за да го посетите Марс не морате да ја напуштите нашата планета!

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња