Видео: Министерството за одбрана на РФ со ефектни снимки од дејство на Су-30СМ по непријателски цели

Global Look Press
Руското Министерство за одбрана објави материјал на кој се гледаат повеќенаменски борбени авиони од генерацијата 4+ Су-30СМ како лансираат ракети со различна намена врз непријателски мети во воздух, но и на површината на морето. Покрај овие ракети, авионите дејствуваа и со авиобомби врз копнени цели на условен противник.

Видеоматеријалот е објавен на официјалниот YouTube канал на Министерството за одбрана на Руската Федерација.

На видеоснимката се гледа момент од лансирањето на ракета Р-60 (веројатно нејзината модернизирана верзија Р-60М/МК) која претставува оружје со краток дострел и која е многу употреблива во услови на блиска воздушна борба. Нејзиниот ефективен дострел е до 10 километри.

Исто така се забележува и лансирање на ракета со потполно поинаква борбена намена од класата „воздух-вода“ Х-31А. Тактичката противбродска ракета  Х-31А (НАТО кодификација Crypton) е наменета за уништување на површински цели на вода чиј депласман достигнува 4500 бруто тони. Тоа може да бидат борбени бродови и поморски десантно-транспортни средства. При својот лет ракетата достигнува брзина до 3600 км/ч (на висина непосредно над вода нејзината брзина е помала и достигнува околу 2200 км/ч). Опремена е со пробојно-разурнувачка боева глава со тежина од 100-110 кг. Нејзиниот максимален дострел зависи од варијантата на нејзината модификација и се движи во опсег од 70-160 км. Врз целта се наведува со помош на активна радарска глава за самонаведување. Се карактеризира со висока отпорност на противелектронски пречки кои ги изведува непријателот.

И на крајот се глед бомбардирање на копнени цели на условниот непријател со класични авиобомби кои имаат класични и напалм боеви глави.

Оваа група авиони, еквивалентна на три ловечко-бомбардерски ескадрили, учествуваше во големата воена вежба за напад врз група површински борбени пловила на условен непријател во Црното море. Притоа овие авиони лансираа повеќе од 40 наведувани ракети од класата „воздух-вода“  и „воздух-воздух“ и применија 20-30 авиобомби врз копнени цели кои непогрешливо ги погодија сите свои мети. Во вежбата учествуваа и специјални противелектронски авиони Су-25МР кои дополнително го отежнуваа нејзиното изведување вршејќи силно попречување во радиоелектронскиот спектар.

Погледнете: Ескадрили со Су-30 и Су-34 во Црното море бомбардираа непријателски бродови

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња