Руските археолози во текот на истражувањето на некрополата Киз-Аул на Керченскиот полуостров на Крим открија гробници од времето на Хазарското канство, соопшти Олег Марков, директор за развој фондот „Археологија”.
„Научниците на Источнобосфорската експедиција и волонтерите во фондот „Археологија“ вршат истражувања. Во текот на ископувањата во горните слоеви откривме гробови од времето на Хазарското канство. Судејќи според материјалите од периодот од 5-7 век кој е пронајден при чистењето на гробовите, починатите припаѓале на таканаречената салтово-мајацка култура. Оваа култура е регистрирана во кримскиот регион во периодот на владеење на Хазарското канство, чиј носител било аланското население на таа држава”, изјави Марков, пренесува ТАСС.
Според него, остатоците се добро зачувани. Во некои гробови се пронајдени и парчиња кремен и бронзени украси. Исто така е откриен и целосно сочуван камен саркофаг во кој било закопано дете.
„Судејќи според сѐ, тоа е гроб од порано време, уште од античко време, затоа што место капак се користени два камена и ѕид од амфора од првите векови на нашата ера. По чистењето на саркофагот се покажа дека под него се наоѓа уште еден поголем гроб. Наредниве денови ќе го проучат археолозите. Сѐ укажува на тоа дека тој гроб не е ограбен во старите времиња“, објасни Марков.
Тој додаде дека сите остатоци од коски ќе бидат предадени за истражување на антропологот Денис Пономарев во керченското одделение за судска медицина.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче