Две девојчиња на возраст од 10-12 години се шетаат по патеката во паркот. Доаѓаат до полјана, ги оставаат своите работи и почнуваат да трчаат. Најпрвин ги протегаат напред испружените нозе, како да имитираат руски народен танц. Потоа со галоп со скокови, отфрлајќи се со едната нога од земја и дочекувајќи се на другата. Потоа како да трчаат спринт на сто метри, на крајот прескокнувајќи висока пречка со извик „оп!“... Ќе личеше на тренинг на атлетичарки или гимнастичарки да не беше една работа. Девојчињата меѓу нозете цврсто држат стап со коњска глава. Играчката има опрема, а по скокот девојките гордо го водат својот „коњ“ за уздата. Себеси се нарекуваат хобихорсерки.
Многумина во детството јавале на стап, замислувајќи дека тоа е коњ, еднорог, змеј, во зависност од личните склоности. Меѓутоа, од пред неколку години тоа веќе не е само забава за најмалите. Тинејџерите, па дури и возрасните, воодушевено јаваат на „хорси“ – на стапови со глава на коњ, притоа преубаво украсени, со комплетна опрема. Некои се занимаваат со тоа „од чисто задоволство“, уживајќи во процесот, а некои учествуваат и на натпревари, организирани од Федерацијата на хобихорсинг, активна во Русија од 2019 година.
„Во детството сама правев коњ од стап со глава од чорап и сунѓер за капење. Им предложив на моите деца да направат нешто слично, а подоцна дознав дека оваа забава е популарна и дека постојат дури и натпревари“, објаснува Валентина Лукошкина, мајка на 13-годишната Кира. „Сега школата за коњички спорт, каде што работам, има и своја секција за хобихорсинг, каде што одржуваме тренинзи, а потоа учествуваме на натпревари“.
Другите деца сами се интересираат за ова необично хоби. „Ќерка ми најде видео на YouTube, многу ѝ се допадна и сакаше да проба. Не ми пречеше и сега интензивно учествува во секцијата“, вели Кристина Марченко, мајка на шестгодишната Вики.
За учесниците во процесот хобихорсингот станува начин на самоизразување. На коњите им даваат имиња, им купуваат опрема, облека, нарачуваат специјални четки за грива.
Меѓутоа, не го разбираат сите млади луѓе ова необично хоби и не го прифаќаат. Соња Сафиулова од Дмитровград вели дека поради хобихорсингот морала да го смени училиштето: „Минатата година се запишав во друго училиште. Соучениците ми се потсмевава и ми требаше долго време да најдам разбирање за моето хоби. Но, не го оставив хобихорсингот, бидејќи тоа ми носи задоволство. Уживам и на тренинзите и на натпреварите“.
Спортскиот хобихорсинг има свои правила: има судии, стандарди, натпревари, победници и губитници. Јавачот на стап треба да совлада низа пречки. Нивната висина се движи од 20 сантиметри до 1,5 метри. Притоа мораат да ги почитуваат сите правила, имитирајќи однесување на коњот. Се добива своевиден „кентаур“: нозете го претставуваат коњот, а трупот го претставува јавачот. Стапот не смее да се испушти - за тоа се губат поени.
Федерацијата за хобихорсинг организира натпревари меѓу деца и возрасни, одржува едукативни семинари, тренинзи и работилници. Претседателот на Федерацијата Гаврил Морковкин вели дека хобихорсингот личи на коњички спорт, но со некои разлики: „Кај нас сé е поскромно, но имаме дисциплини: јавање со пречки и дресура. Има судиски тим и голем број заинтересирани“.
Гаврил Морковкин, исто така, истакнува дека хобихорсингот може да биде одлична подготовка за оние кои сакаат да научат да јаваат: „Тоа претставува и физичка и морална подготовка. Јавачите можат со своите нозе да почувствуваат како се прават елементите што ги изведуваат коњите во натпреварувачкиот ринг. Потоа, со тоа знаење, тие доаѓаат на вистинско јавање и подобро разбираат што се случува.“ Освен тоа, оваа забава има очигледни предности: поевтина е - коњичкиот спорт инаку бара сериозни вложувања - побезбедни и поедноставни.
Некои љубители на хобихорсинг не се заинтересирани само за трчање и скокање, туку и за креативниот аспект. На пример, Викторија Паук, 19-годишна студентка од Псков, вели дека почнала да се занимава со хобихорсинг уште од 2019 година: „Пред сè, ме привлече токму изработката на хобихорс, бидејќи ги сакам сите ракотворби и сум креативна личност. А потоа почнав да правам пречки и да скокам, ја научив техниката на скокање, следев профили на странски хорсери, а потоа и на наши“, вели Вика.
За некои луѓе оваа забава станува вистински бизнис. Во тематските групи можете да видите голем број на огласи за продажба на хорси. Нивната цена понекогаш достигнува и 10 илјади рубли (околу 190 евра), во зависност од сложеноста на работата и постигнатиот реализам. Гривата може да се направи од тенки нишки, да се вметнат стаклени очи или да се направи копија на вистински коњ.
Ана Хорси (псевдоним) се занимава со изработка на хобихорси, а почнала да ги прави пред две години. Потоа одлучила да пушти реклама и создала канал на TikTok за да најде муштерии за своите производи. Денес посетува големи коњички изложби: „Обично таму можеш да купиш опрема и храна. Таму ги носам моите дела, луѓето пристапуваат и се распрашуваат. Посетувам и натпревари на хобихорсери за да ги поддржам децата што ги познавам и да претставам нови хорси. Децата често ме препознаваат, се радуваат, трчаат да ме гушнат. И возрасните се заинтересирани. Еднаш една постара госпоѓа купи хорс бидејќи играчката ја потсетувала на вистински коњ што го имала во младоста. Сега имам околу 20 нарачки месечно. Дури ангажирав и помошничка да ги слика коњчињата“.
Хобихорсингот во Русија привлекува сé повеќе обожаватели. Иако гледано отстрана човек кој јава на стап изгледа по малку смешно, тоа е одлична физичка вежба. Можеби ова хоби наскоро ќе прерасне во вистински спорт - Федерацијата за хобихорсинг веќе развива програма која ќе ја поднесе до Одборот за спорт. Но, на луѓето со коњи-играчки не им е ни толку важно нивниот спорт да биде формално признаен. Судејќи по високите скокови и бодрите извици, ним на тренинзите и без тоа им е многу забавно.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче