Како се менуваше шемата на московското метро (ГРАФИКОН)

Комплекс градостроительной политики и строительства города Москвы
Престолничкото метро во текот на години од своето постоење од една линија долга 11 километри со 13 станици прерасна во огромна разгранета мрежа со 263 станици и 466 километри пруга. Погледнете ја одблизу оваа еволуција (а, тоа не е крајот!)

1935 — една линија

Тешко е да се замисли дека шемата на московското метро порано не изгледала како монструозен замрсен лавиринт, туку дека била мошне едноставна: како една пруга. Првата линија на метрото е отворена во 1935 година и имала 13 станици. Наречена е Сокољническаја, а се давала од паркот Сокољники, преку самиот центар на Москва (Охотни рјад) па до Парк Куљтури и Смоленскаја (оваа станица денес се наоѓа на друга линија).

1938 — веќе три линии

Во текот на три години по отворањето на првата линија изградени се уште две. Во 1937 година со разделување од Смоленскаја издвоена е посебна сина линија (Арбатско-Покровскаја) и продолжена е до станицата Киевскаја. А, нејзиниот крај – до Курскаја, со што се поврзани Курската и Киевската железничка станица.

А, во 1938 година отворена е зелената линија (Горковско-Замоскворецкаја) и станицата Плошчад Свердлова (денешна Театраљнаја) до станицата Сокол на Ленинградскиот автопат.

1945 — изградба во текот на војната

Изградбата на метрото не е запрена дури ни за времето на Втората светска војна.

Некои станици служеле како скривници. Во случај на напад на Германците на престолнината, властите дури и планирале да го уништат метрото, но за среќа тоа не се случило. Исто така, на 16 октомври 1941 година е единствениот ден во историјата кога метрото не било отворено за патници (денес се нарекува „ден на паниката“).

До крајот на војната метрото е проширено за седум станици. Сината линија е продолжена до Измајловскаја, каде што се наоѓал воениот аеродром, а зелената до Завод имени Сталина (денес се нарекува Автозаводскаја).

Освен тоа, додадени се неколку премини од една кон друга линија.

1955 — кружна линија

Првиот полукруг на кружната линија е завршен до 1951 година, поврзувајќи ги Курскаја и Парк куљтури на југот. А, потоа кругот е комплетиран и затворен на север. Така патниците можеле полесно да се движат меѓу железничките станици што се наоѓаат на различни линии. Кружната линија ги поврзувала станиците Киевскаја, Белорускаја, Комсомољскаја (со три железнички станици: Ленинградската, Јарославската и Казањската), Курскаја и Пвелецкаја.

1966 — уште три линии

Кон крајот на педесеттите години од минатиот век постојните линии се продолжени. Сокољническаја до станиците Ленинские гори и Университет, каде што во 1953 година е завршен и отворен еден од Сталинските облакодери: зградата на Московскиот државен универзитет.

А, од крајот на педесеттите години од минатиот век на кружната линија се додадени радијални линии (затоа денес во случај две станици за преседнување да се нарекуваат со исто име, московјаните во својот разговор ги додаваат атрибутите кружна и радијална).

Во 1958 година се појавила тогаш жолтата Ришка радијална линија до станицата ВДНХ.

Во 1962 година се појавила портокаловата Калушка радијална линија до станицата Новие Черјомушки, каде што се одвивала интензивна изградба на станбени квартови со хрушчовки.

Во 1966 година до најоддалечените периферии стасала виолетовата Ждановско-Краснопресненскаја радијална линија (веќе 7 линија на московското метро).

Исто така сината линија е поделена на две паралелни: Фиљовскаја и Арбатско-Покровскаја (што до денес знае да ги збуни дури и московјаните).

1971 — поврзување на предградијата

Концептот на радијални линии е нарушен во 1971 година кога портокаловата линија е продолжена до центарот на градот, до станицата Плошчад Ногина (денешна станица Китај-город). Истовремено жолтата радијална линија станала портокалова, зашто се појави план овие две линии да се поврзат во една.

Исто така до Плошчад Ногина стасала нова виолетова линија од предградието – до станицата Ждановскаја сообраќале неколку приградски возови, што значајно го олеснило животот на луѓето што доаѓале на работа од околината на градот.

Во 1969 година отворени се исто така две станици како разгранување на зелената „Горковско-Замоскворецката“ линија од станицата Коломенскаја до Каховскаја. Од 1995 година оваа линија веќе стекнала самостоен статус, а сега се наоѓа на Големата кружна линија, завршена во 2023 година.

1979 — поврзување на спротивните краишта на градот

Како што е планирано, во 1972 година се поврзани два сегменти на портокаловата Калушко-Ришка линија, а исто така таа е значајно поврзана кон север – од станицата ВДНХ до Медведково.

Истовремено виолетовата Ждановско-Краснопресненскаја линија е продолжена до другиот крај на градот – на североисток. Таа стана најдолгата линија со 42 километри. Да споменеме дека ова денес е најоптоварената линија на метрото во Москва.

Во декември 1979 година отворена е исто така нова осма линија – Калининскаја – од станицата Марксистичкаја кон исток до Новогиреево. Таа ја презеде жолтата боја и го направи метрото достапно за жителите уште едно прилично густонаселено источно предградие.

1990 — уште една линија и промена на називот на станиците

До 1983 година во фази, започнувајќи од југ изградена е нова линија – сивата Серпуховскаја. Многу други линии се продолжени за неколку станици.

Важен настан беше промената на називите на многу станици. Наместо советските називи се појавија нови, кои упатуваа на историските топоними. На пример Колхознаја стана Сухаревскаја, Ѕержинскаја стана Лубјанка, Проспект МарксаОхотни рјад, а Кировскаја Чистие пруди.

Станицата Ждановскаја го промени името во Вихино, а по неа целата виолетова линија наместо Ждановско-Краснипресненскаја, стана Таганско-Краснопресненскаја. Горковско-Замоскворецкаја стана едноставно Замоскворецкаја.

1996 — фрагмент на нова линија

Во деведесеттите години од минатиот век метрото се развиваше мошне бавно. Од поголемите резултати можат да се спомене само фрагмент на нова линија: во светлозелена боја на картата се појави Љублинска линија од реонот Марјино до Курската железничка станица.

2010 — нов почеток на интензивна изградба

По 2000 година метрото повторно започна интензивно да се развива по затишјето од деведесеттите години на минатиот век, По речиси дваесетгодишно реновирање во 2001 година беше отворена станицата Воробјови гори (поранешни Ленинские гори).

Профункционира светлозелената Љублинска (денешна Љублинско-Дмитровскаја) линија, а исто така до самиот крај на градот кон североисток продолжена е сината Арбатско-Покровскаја линија, која долго време беше само слепо црево.

Во 2005-2006 во новиот бизнис-кластер Москва-Сити подигнати се две станици на метрото: Деловој центр и Международнаја како дел од Фиљовската линија.

Се појавија и две мали и сосема нови линии коишто не се поврзани со центарот. Северно од прстенот е изградена моношинска железница (денес се користи за туристички обиколку на градот), а на југот Бутовската линија на „лесното“ надземно метро.

2018 — многу новини

По 2010 година веќе беше многу тешко да се следи ударничката брзина на изградбата на метрото. Во 2016 година на шемата на метрото се појави Московскиот централен прстен (МЦК) – надземна пруга планирана уште во времето на Сталин, но завршена дури во наша доба.

Нови станици и линии се појавуваа во групи и во подземното метро:

Светлозелената Љублинско-Дмитровскаја линија е значително продолжена кон север.

На југозапад се појави нова жолта линија. Долго се сметаше дека постои можност таа да се поврзе со источната жолта чинија. Ова прашање е отворено до денес.

Отворена е првата делница на Големата кружна линија од станицата Деловој центр до Савјoловскаја.

2020 — уште една линија и поврзување на приградските населби

На југоисток се појави нова виолетова линија на метрото до приградската Некрасовка.

Во 2019 година шемата на Московското метро се појавија таканаречени Московски централни дијаметри (МЦД). Две долги линии Д1 и Д2, засновани на некогашните линии на приградските возови, сега ја поврзаа не само околината на градот, туку и приградските населби со центарот и меѓусебно. Со нив се овозможи да се стаса до аеродромот Шереметјево, на пример. Линиите долги 52 и 80 километри во голема мера го растоварија метрото.

2024 — како изгледа шемата денес

Во 2023 година завршена е изградбата на Големата кружна линија. Така се појави уште еден начин да се премине од една линија на друга, без потреба да се оди до центар и старата кружна линија.

Исто така додадени се уште два дијаметра (МЦД) на приградските возови по 80 километри, кои ги поврзаа северот, западот и истокот на Москва и Московската област.

Денес шемата на метрото е комплицирана понекогаш и за московјаните. Затоа подготвивме детален бонус за тоа како се користи.

БОНУС: 2027 — што понатаму?

Московските власти го претставија планот за развој на метрото до 2027 година. Според оваа програма, ќе бидат изградени уште неколку линии што ќе ги поврзуваат како предградијата, така и реоните во кои метрото претходно беше слабопристапно. Чекаме со нетрпение!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња