По што ќе остане запаметен Михаил Горбачов - првиот и единствен претседател на СССР?

Legion Media
Михаил Горбачов, првиот и единствен претседател на СССР, таткото на перестројката и гласноста, почина во вечерните часови на 30 август 2022 година во Москва.

Како што се сеќава самиот Горбачов, „долгиот процес на преосмислување на историјата на земјата“ започнал уште во неговите студентски години. Неговото доаѓање на позицијата генерален секретар на ЦК КПСС на 11 март 1985 година не беше неочекувано за советската владејачка елита. Брежнев имаше позитивен став спрема Михаил Горбачов, а го поддржуваа и други водечки личности во земјата, со оглед на тоа што добро се покажа како министер за земјоделство на СССР.

Кандидатот за член на Политбирото на ЦК КПСС Михаил Сергеевич Горбачов, 1979.

Од амбициозниот лидер кој му беше симпатичен и на Западот и на советскиот народ многумина очекуваа промени. „Во тоа време, согласувајќи се да ја добијам суштински највисоката државна функција генерален секретар на ЦК КПСС, знаев: вака понатаму не може да се живее и нема да си дозволам да останам на оваа позиција ако не добијам поддршка за спроведување на кардинални промени“, ќе рече тој 1991 година, една година откако ја прими Нобеловата награда за мир „како знак на признание за неговата водечка улога во светскиот напредок“.

Михаил Горбачов, добитник на Нобеловата награда за мир 1990 година

Кардиналните промени ќе следат, но не сите беа прифатени и разбрани. Кампањата против алкохолот, таканаречената „битка за трезвеност“ во земја која умираше од вотка, беше првиот болен потег на генералниот секретар Горбачов на патот кон „перестројката“. Потоа ќе следи масовна кадровска чистка и подмладување на владејачката партија. А тој наскоро ќе стави крај и на повеќедеценискиот еднопартиски систем. КПСС ќе го изгуби уставниот статус на единствена владејачка сила, во земјата ќе почнат да се одржуваат избори по демократски модел и ќе запрат прогонувањата поради разликите во мислењата. Горбачов ќе го врати академик Андреј Сахаров од прогонство и ќе продолжи со рехабилитацијата на жртвите на репресиите на Сталин кои не биле рехабилитирани за време на Никита Хрушчов.

Ленинград, 1988.

А негова главна заслуга ќе бидат прогласувањето на гласноста (отвореноста) и укинувањето на цензурата. За време на неговото владеење, тиражите на весниците ќе надминат неколку милиони примероци, а партијата и власта за првпат ќе станат предмет на критика. Гласноста и демократизацијата сè уште не значеа слобода на говорот и демократија, но без реформите на Горбачов патот до нив ќе беше уште подолг.

Подоцна токму воведувањето на гласноста ќе биде една од главните замерки кон Горбачов. Наводно, токму таа го разбудила вулканот на националната самосвест кој доведе до распад на СССР. Да не беше гласноста, земјата и светот веројатно немаше да дознаат за нуклеарната катастрофа во Чернобил, една од најголемите „дамки“ во политичката биографија на Горбачов. Меѓу другите „дамки“ се: Нагорно-Карабах, влегувањето на војската во Азербејџан, растурањето на демонстрациите во Алма-Ата.

Чернобилската нуклеарна централа

Но, без сомнение, светот го памети Горбачов како човекот кој стави крај на трката во вооружување и ја претвори „империјата на злото“ во сојузник во спречувањето на геополитичките и економските катаклизми. Тој беше оној кој го прогласи „новото надворешнополитичко мислење“, го започна процесот на обединување на Германија и повлекувањето на советските сили од Авганистан. Тој беше оној кој во пресрет на 2000 година ја претстави идејата за ликвидација на нуклеарното оружје и воспоставување на систем на меѓународна безбедност која звучеше како апсолутна утопија, а потоа со САД го потпиша Договорот за намалување на нуклеарното оружје и Договорот за ликвидација на ракетите со среден и краток дострел. Неговите критичари во повеќе наврати ќе го потсетуваат на средбата во Малта, каде на длабоко ниво беше завршена „Студената војна“ и ќе го обвинат дека се свиткал пред Западот. Горбачов само ќе им одговори: „Сакаме да нé сфатат“. <...> Тоа не значи дека ќе станеме исти како другите“, туку дека другите ќе нé сфатат.

Повлекување на советската војска од Авганистан, 1988.

Откако ќе поднесе оставка ќе продолжи да го следи развојот на земјата, ќе ги основа Фондот „Горбачов“ и Меѓународниот зелен крст, ќе се обиде да се врати во високата политика, но на претседателските избори ќе добие само 0,51% од гласовите ( луѓето не му го простија Советскиот Сојуз). Единствениот претседател на СССР, како што се очекуваше, ќе стане остра опозиција на првиот претседател на Руската Федерација Борис Елцин, потоа ќе го поддржи неговиот наследник Владимир Путин (иако за кратко) и ќе се занимава со самоанализа и признавање на сопствените грешки.

Горбачов и Елцин, 1990.

„Перестројката победи! А јас како политичар изгубив“ – ја резимираше својата кариера во 2009 година. Иако е веројатно еден од најважните заклучоци да го формулираше и соопшти уште во далечната 1991 година: „Животот е многу побогат и покомплициран од најсовршените планови за тоа како би можел да се подобри. На крајот на краиштата тој сурово ни се одмаздува за насилното наметнување на некои шеми, дури и ако зад нив стојат добри намери“.

Сеќавање на Горбачов (цитати):

Горбачов и Путин, 2000 година

Рускиот претседател Владимир Путин во телеграма до семејството и пријателите:

„Ве молам да го примите моето најдлабоко сочувство по повод смртта на Михаил Горбачов.

Михаил Горбачов беше политичар и државник кој имаше огромно влијание врз текот на историјата. Ја предводеше нашата земја низ сложени, драматични предизвици, надворешнополитички, економски и социјални предизвици. Длабински сфаќаше дека се неопходни реформи и се обиде да понуди свои решенија за тешките проблеми.

Исто така би сакал посебно да ги споменам бројните хуманитарни, добротворни и едукативни активности кои Михаил Горбачов ги организираше во изминатите години.

Уште еднаш примете ги моите искрени зборови на сочувство и поддршка по повод вашата загуба“.

Михаил Горбачов, 1986.

Премиерот на Руската Федерација Михаил Мишустин:

Михаил Сергеевич [Горбачов] се наоѓаше на изворот на многу промени, тој стана персонификација на глобалните промени што се одиграа во Русија и во светот. Секогаш жестоко и разумно ги бранеше своите ставови и ја поддржуваше својата земја“.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш:

Михаил Горбачов беше уникатен политичар кој го промени текот на историјата. Светот изгуби извонреден глобален лидер, посветен поддржувач на мултилатералниот свет и неуморен борец за мир. Длабоко ме нажали неговата смрт“.

Џорџ Буш и Михаил Горбачов на првата заедничка прес-конференција на лидерите на СССР и САД, 3 декември 1989 година, Малта.

Американскиот претседател Џо Бајден, официјална изјава:

„Михаил Горбачов беше човек со исклучителна визија.

Тие беа дела на редок лидер, кој имаше имагинација да види дека е можна поинаква иднина и храброст да ја ризикува целата своја кариера за да ја постигне. Резултатот е побезбеден свет и поголема слобода за милиони луѓе.

Дури и години откако ја напушти власта тој беше длабоко вклучен во настаните. Кога господинот Горбачов ја посети Белата куќа во 2009 година, тој и јас имавме долг разговор за напорите на нашите земји да се намалат американските и руските нуклеарни резерви. Беше очигледно зошто многу луѓе ширум светот исклучително го ценеа.

Испраќаме најдлабоко сочувство до неговото семејство и пријателите, како и до сите луѓе на кои неговата верба во подобар свет им ги подобри животите“. 

Поранешниот американски државен секретар Џејмс Бејкер, кој ги водеше преговорите со Горбачов во последните години од Студената војна:

„Историјата ќе го запамети Михаил Горбачов како голем човек кој ја поводеше својата голема земја кон демократија. <…> Ќе му недостига на слободниот свет“.

Роналд Реган и Михаил Горбачов, 1992.

Фондацијата „Роналд Реган“ на „Твитер“:

„Фондацијата и Институтот „Реган“ тагуваат поради загубата на поранешниот советски лидер Михаил Горбачов, човекот кој некогаш беше политички ривал на Роналд Реган, а заврши како негов пријател. Ги испраќаме нашите мисли и молитви до семејството на Горбачов и до луѓето на Русија“.

Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер:

Михаил Горбачов направи големи работи, но не успеа да ги реализира сите свои визии. Луѓето од Источна Европа и Германија, како и рускиот народ, му должат благодарност за инспирацијата, за храброста со која ги застапуваше своите идеи за слобода. Ќе биде запаметен во историјата како човек кој започна историска трансформација, придонесувајќи за човештвото и рускиот народ“.

Францускиот претседател Емануел Макрон на „Твитер“, на руски и француски:

„Моето сочувство поради смртта на Михаил Горбачов, човекот на мирот чии одлуки го отворија патот кон слободата за Русите. Неговата посветеност на мирот во Европа ја промени нашата заедничка историја“.

Британскиот премиер Борис Џонсон на „Твитер“:

„Жал ми е поради смртта на Горбачов. Отсекогаш сум се восхитувал на храброста и интегритетот што тој ги покажа доведувајќи ја Студената војна до мирен крај“.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на „Твитер“:

„Михаил Горбачов беше лидер кој заслужуваше почит и доверба. Одигра клучна улога во завршувањето на Студената војна и падот на железната завеса. Го отвори патот за слободна Европа.

Нема да го заборавиме неговото наследство.

Почивај во мир, Михаил Горбачов“.

Поранешниот американски државен секретар Кондолиза Рајс:

„Жалам поради смртта на Михаил Горбачов. Тој беше човек кој се обидуваше да му донесе подобар живот на својот народ. Неговиот живот беше значаен, бидејќи без него и неговата храброст немаше да биде можен мирен крај на Студената војна“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња