Зошто Стара Русија се определила за источното христијанство?

„Покрстувањето на киевскиот кнез Владимир Велики во 987 година“, 1883 година, Фјодор Андреевич Борников (1827-1902). Збирка на регионалниот музеј во Шадринск.

„Покрстувањето на киевскиот кнез Владимир Велики во 987 година“, 1883 година, Фјодор Андреевич Борников (1827-1902). Збирка на регионалниот музеј во Шадринск.

Photo by Fine Art Images/Heritage Images/Getty Images
Отфрлајќи го паганството, Русите свесно избрале една од четирите вери, вели преданието. Според кои параметри ја избрале?

Во Хрониката на Несторов е опишано како кнезот Владимир ја избрал новата вера за својата држава. Кај него доаѓале претставници на различни религии и, сликовито опишувајќи му ги предностите на својата вера, го убедувале да ја прими токму нивната. Што не му одговарало на рускиот кнез во другите религии и што му се допаднало во источното христијанство што подоцна ќе го добие називот Православие?

Како Владимир ја избирал верата?

Тоа се случило кон крајот на 10 век. Кнезот Владимир управувал со Русија од Киев. Летописот вели дека кнезот бил закоравен паганин, дека имал многу жени и конкубини, и дека имал тежок и незауздан карактер. Но, сепак, го мачел немирот. Видел дека од сите страни е опкружен со новите монотеистички сили, а неговата баба, влијателната кнегиња Ољга, го примила источното (грчко) христијанство (во Руската православна црква е прославена како првата христијанка, светата рамноапостолна кнегиња Ољга).

„Великиот кнез Владимир избира вера“, Иван Егинк, 1822 година.

Првата руска хроника започнува со зборовите „Еве ја повеста на изминатите лета“ и според тие зборови го има добиено називот. Во неа детално, од почетокот до крајот, се опишува како Владимир ја избрал верата. Еднаш (тоа било во 986 година), по новиот неуспешен воен поход на волшките Бугари кои исповедале ислам, му дојдоа претставници на „мухамеданската вера“ и му рекоа дека тој и покрај сите свои мудрости и моќи не го познава „законот“. Под закон имале предвид, секако, правилата кои тие самите ги проповедале. Затоа му предложиле на рускиот кнез да го прими нивниот закон и да му се поклони на Мухамед. Владимир замолил да му раскажат во што се состои нивната вера. Според сè, нему како безбожник основите на монотеистичките тези му изгледале слично во сите религии, и затоа кнезот, а на нив и хроничарот, обрнале внимание на кратко и стегнато излагање на разликите. Бугарите, како што вели преданието, одговориле дека исламот се одликува со тоа што треба да се „изврши обрежување, да не се јаде свинско и да не се пие вино, а за возврат човекот по смртта, велат, може да прави блуд со жени“.

Владимир и самиот бил „ненаситен во блудот“. Имал пет свои жени и мноштво конкубини. Меѓутоа, не му се допаднала обврската за обрежување и за одрекување од свинското и од алкохолот. Според руската хроника, Владимир тогаш ја изговорил својата легендарната фраза: „На Русите им е весело да се пие, без тоа не можеме ние“.

Така мухамеданците си заминаа со празни раце, а по нив во Русија дојдоа „Немците“ (треба да се има предвид дека во Русија изразот „Немци“ долго го користеле за сите западни Европејци), пратениците на римскиот папа, и му рекоа: „Нашата вера е светлост; ние му се поклонуваме на Бога кој ги создал небото и земјата, ѕвездите и месечината и сето она што дише, а вашите богови се обично дрво“, и воено му раскажаа за постот кој не бил толку строг, ами „според својата можност“. Владимир ги сослуша, но ги одби пратениците, велејќи им: „Одете онаму од кадешто сте дојдени, зашто татковците наши не го прифатија тоа“. И навистина, судејќи според западните хроники „Немците“ и претходно доаѓале во Русија, но на руските кнезови им била одбивна идејата за сојуз со нив, а воедно и нивната вера. Кнезовите ја избрале Византија. Како што излегло, ова прво доаѓање на “Немците“ во Киев го организирала кнегињата Ољга. Таа сметала дека византискиот император ќе се исплаши од можното зближување на Русија со западноевропските земји и загубата на мир со Киев, па ќе направи отстапки за киевските кнезови и ќе заклучи со нив договор на задоволство на двете страни. На императорот му била потребна руската војска во борбата против Арапите за Крит. Процената на кнегињата Ољга била добра.

„Покрстувањето на кнезот Владимир“, Виктор Васнецов меѓу 1885 и 1893 година. Фрагмент од фреска во Владимирскиот собор во Киев.

По пратениците на папата кај Владимир дојдоа хазарските Евреи (кнезот веќе имаше одено во походи во Хазарија и земаше данок од неа). Меѓутоа, Владимир непријатно се изненади од односот на тој народ со Бога, со оглед на тоа што Бог го отфрли тој народ, го протера од земјата своја и го принуди на талкање по светот. Поради тоа и Владимир ги отфрли: „Како вие другите ги учите, а самите сте отфрлени од Бога и расеани? Ако Бог ве сакал вас и вашиот закон немаше да бидете расеани по туѓите земји. Или вие и нам тоа ни го посакувате?“

На крајот кај Владимир дојде грчки „филозоф“. Тој ги искритикува другите религии и, како што соопштува хроничарот, детално му ја објаснил на кнезот суштината на грчкото христијанство, а воедно му објасни и зошто тие веруваат во распнатиот човек. Оваа средба остави силен впечаток на Владимир, но тој одлучи уште да размисли дали сака да го избере исламот или христијанството. Тој испрати свои доверливи луѓе да види како изгледаат богослужбите во овие религии. Ним атмосферата во џамиите не им се допадна, но затоа службата во грчкиот храм им остави на нив неверојатни впечатоци, па му раскажаа на Владимир: „Нема на земјата таква глетка и таква убавина. Не знаеме како да го опишеме тоа, знаеме само дека таму Бог со луѓето живее и нивната служба е подобра одошто во сите други земји“.

Зошто покрстувањето на Русија покрај другото имало и придобивки?

Руските и западните историчари, секако, изнесуваат голем број прагматични објаснувања на факторите кои влијаеле на определувањето на Русија за грчкото христијанство. Според мислењето на историчарот Василиј Кључевски, главната задача на првите киевски кнезови била заштитата на границите од напад на надворешните непријатели, а исто така и трговијата. Владимир морал да внимава на териториите кои неодамна биле обединети под негова власт, но сè уште биле распарчени, и да води сметка за племињата кои живееле на освоените земји – сите благовремено да плаќаат даноци и да ѝ бидат лојални на власта, плашејќи се од надворешен напад.

Според мислењето на Кључевски, токму разновидноста на културите, трговските и политичките врски на Русија и Византија биле главен фактот што ја подготвил Русија да го прими христијанството, и тоа токму од Византија. Делумно тоа било предизвикано и со тежнеењето на самата Византија на тој начин да го „припитоми“ незаузданиот сосед. Кнезовите со варјашко (скандинавско) потекло кои управувале со Русија во повеќе наврати ја напаѓале Византија. Императорот во голема мера пред доаѓањето на Владимир на власт во Русија испраќал мисионери со цел на тој начин да ги одврати борбените пагани од тие походи.

Владимирскиот храм во Херсонес, Севастопољ, Крим.

Покрај тоа, не постои сомнеж дека Владимир сакал да извлече корист од своето преминување во грчкото христијанство. Тој во 988 години го зазел византискиот град Корсуњ (денес кримски Херсонес) и понудил мир под услов да се ожени со ќерката на императорот, принцезата Ана. Константинопол бил во опасност, па императорот се согласил, но и самиот поставил услов – Владимир да стане христијанин. Преданието вели дека Владимир се покрстил тука, во Корсуњ (во 19 век на ова место е подигнат Владимирскиот храм).

Женидбата на Владимир со Ана била пред сè знак на престиж. Сега тој повеќе не бил третиран како варварски пагански кнез, ами како роднина на византискиот император. Хрониката бележи чудесна промена која се случила во карактерот на кнезот по покрстувањето. Тој се одрекол од блудот и станал милозлив и приврзан на доблестите. Заедно со принцезата Ана во Киев дошле и византиски свештеници. Тие почнале да ги преобраќаат Русите во христијанство, да им предаваат веронаука и да ја шират писменоста.

Споменик на кнезот Владимир во Москва.

Каков и да бил сплетот на фактори кои влијаеле Владимир да го прими Православието, овој настан навистина имал огромно значење во историјата на Русија и далекусежно се одразил на нејзината иднина. Кнезот е канонизиран како рамноапостолен светител, а во народната традиција го добил името Владимир Јарко Сонценце (Владимир Красное Солнышко).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња