Дали Русите навистина спиеле на печки?

Борис Игнатович / МАММ / МДФ / Russia in photo
Најдобриот лежај во куќата не бил креветот и се наоѓал веднаш под плафонот.

Тешко е да се замисли нешто посвето во куќата на рускиот селанец од печката. Масивна, понекогаш зафаќајќи половина куќа, печката во суштина беше куќа во куќа. Во неа се подготвуваше храна, таа ја грееше куќата, во неа се чуваа садовите, се сушеа алиштата, зад неа се пораѓаа жените и умираа старите луѓе, во некои региони дури и се капеа во неа и, се разбира, спиеја на неа.

Печката беше најраскошниот семеен „кревет“ во кој не можеше да спие секој.

Каде всушност спиеле луѓето?

На почетокот луѓето не ја користеле печката за спиење. Од VIII до XIII век печките се палеле „на црн начин“, што значи дека немале оџак и чадот излегувал низ вратите и малите прозорчиња на ѕидовите под таванот. Но, кон крајот на XV - почетокот на XVI век, со појавата на огноотпорната тула, на печката се појавуваат оџаци, а со нив таа добива и нова функција.

Целата конструкција на руската печка има една општа цел: да ја троши топлината максимално ефикасно на сите можни начини. Благодарение на неа било можно да се преживеат долгите и студени зими, по кои Русија е толку позната. Дури и по најлут мраз таа со едно ложење може 24 часа да ја одржува топлината во куќата. Ѕидовите на печката беа дебели 25-40 сантиметри, што значи дека добро ја акумулираа и рамномерно ја распределуваа топлината. Заложена преку ден, таквата печка останува топла во текот на ноќта.

Местото каде што се наоѓал лежајот се викал „перекришка“. Тоа бил горниот слој на тулата, под плафонот, каде што се кревала целата топлина. Таму ставале грубо дебело сукно и јоргани, правејќи место за спиење. Најчесто човек можел на таквите лежаи и да седи, толку биле оддалечени од плафонот. Зиме, кога редовно се палела печката, горе температурата стабилно се одржувала на + 25-27 °C.

Кој можел да спие на печката

Спиењето на печката било привилегија. Не секој можел да се смести на неа, бидејќи типичното селско семејство секогаш имало многу деца. Најголемиот лежај на печката можел да прими 5-6 души, но најчесто само двајца.

Честопати местото било резервирано за најпочитуваниот или најстариот член на семејството: за мажот-главата на семејството или старец. Покрај тоа, на печката обично лежел болен, бидејќи се сметало дека таа лекува. На неа се негувале и предвремено родените бебиња.

Сите други членови на семејството можеле да се качат на печката само со дозвола, а спиеле на посебни полици помеѓу печката и ѕидот. Обично имало две нивоа, така што и на нив било топло, иако не толку удобно како на печката.

Дали Русите денес спијат на печка?

Руските печки биле скапо задоволство и нивната изградба била мошне сложена работа. Затоа, штом се појавила поедноставна и помала алтернатива, тие почнале да заминуваат во историјата. Овој процес започнал кон средината на XIX век, кога во руските куќи се појавиле покомпактните ѕидани холандски печки. На нив не можело да се спое, а биле поедноставни за употреба.

Денес, старата руска печка може да се види во некои села каде што сé уште се зачувани. А некои луѓе, иако многу ретко, и денес градат руски печки во своите домови, во модерна интерпретација или во ретро стил.

Просечната цена на таквата конструкција е, како и порано, висока. Помалиот класичен модел чини 80-210 илјади рубли (1000-1600 долари), додека цената на посложените варијанти, со камин и скалила, може да достигне и 70 илјади рубли (9300 долари). Луѓето и денес спијат на некои од нив...

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња