Пет факти за Јуриј Андропов, единствениот агент на КГБ на чело на СССР

TASS
Животот на Јуриј Андропов (1914-1984) бил многу интересен – од задушување на буната во Унгарија до крстосувачкиот поход на корупцијата и обидот за спасување на советската економија.

Јуриј Андропов е роден на 15 јуни 1914 година и ги помина последните 15 месеци од својот живот како лидер на советскиот апарат додека неговото здравје брзо се влошуваше. Претходно, тој помина 15 години на врвот на моќната советска разузнавачка агенција КГБ. Некои луѓе го сметаат за строга бирократ, а други - за либерал кој сакал да избегне колапс на СССР, ако имал доволно време. Кој е тој навистина?

Скриен идентитет

Генералниот секретар на ЦК КП СССР Леонид Брежнев го потпишува Новиот Стокхолмски апел. Одлево стојат секретарот на ЦК на КПСС Андреј Кириленко, претседателот на КГБ Јуриј Андропов, министерот за надворешни работи на СССР Андреј Громико и претседателот на Советот на министри Алексеј Косигин.

Самиот Андропов отсекогаш бил таинствен за својот живот, почнувајќи од неговите семејни корени. Постојат гласини дека неговиот дедо бил богат трговец со еврејско потекло, но Андропов секогаш го негираше тоа. Не зборуваше ни за своето семејство: бил женет пет години и имал син, но речиси не комуницирал со него и со неговата поранешна жена по разводот.

На професионално ниво, Андропов исто така е полн со тајни - високите позиции кои тој ги заземал тоа го бараат. „Луѓето речиси не го познаваа како шеф на КГБ; во секоја земја луѓето кои раководат со тајните служби, обично се надвор од јавното внимание и не може да се очекува да се популарни. Особено во земја како СССР“, пишува публицистот Рој Медведев во својата книга „Непознатиот Андропов“. А кога одеднаш станува популарен, наследувајќи ја власта од Леонид Брежнев во 1982 година, тој е на чело на државата премногу кратко за да може да добие посебен имиџ во јавноста.

Тој го потиснува востанието во Унгарија

Припадник Унгарската тајна полиција ѝ паѓа в раце на разгневената толпа за време на бунтот на унгарскиот народ против советската власт. Будимпешта, ноември 1956.

Кариерата на Андропов се искачи нагоре откако беше назначен за амбасадор во Унгарија додека работеше во Министерството за надворешни работи во 1954 година. Две години подоцна, избувна Унгарското востание - дел од општеството сакаше независност од социјалистичката држава.

Немирите брзо растеа во вооружен конфликт. Во комуникацијата со советските лидери Андропов ги карактеризира настаните како „контрареволуционерен и антисоцијален бунт“ и ја поддржува идејата на унгарската социјалистичка влада да се помогне, со тоа што ќе бидат испратени војници. Тој ги координира активностите на просоветските сили во Унгарија, кои заедно со советските војници кои пристигнаа, ѝ помогнаа Унгарија да остане социјалистичка. За време на конфликтот загинаа повеќе од 2.500 лица.

Во 1957 година, Андропов ја напушти Унгарија и се вратил во Москва - но никогаш не ја заборавил сликата на разулавената толпа која ги убива припадниците на државната безбедност. Советскиот дипломат Олег Тројановски се сеќава: „Андропов постојано зборуваше за настаните во Унгарија во 1956 година. Често велеше: 'Не можете да замислите што беше тоа - стотици илјади луѓе на улиците, целосно надвор од контрола'“. Тројановски верува дека Андропов се плашел такво нешто да не се случи во СССР и се потрудил да го спречи тоа.

Внимателен дипломат

Кандидат за членство во Политбирото на ЦК КПСС Јуриј Андропов, 1962.

Во исто време, Андропов беше способен да покаже флексибилност. Во 1957-1967 година раководи со одделот за односи со социјалистичките партии во советската комунистичка партија, а неговите советници - во тоа време млади дипломати - често си сеќаваат на него како на „либерален“ шеф. „Во оваа соба сите можеме да кажеме што мислиме, апсолутно отворено. Но во моментот кога ја напуштиш - треба да се игра според правилата“, се сеќава на зборовите на Андропов политикологот Георги Арбатов. Тоа значи: можеме да го критикуваме советскиот систем едни со други, но не смееме да заборавиме дека мораме да ѝ бидеме лојални на земјата.

Некои историчари дури тврдат дека Андропов го развил текот на затоплување на односите со Западот. „Андропов беше архитектот на Западната политика на Брежнев [од седумдесеттите години од минатиот век кога односите меѓу СССР и Западот благо се подобруваа], тврди германскиот историчар Сузане Шатенберг. Сепак, иако е дипломат во надворешната политика, на родната почва Андропов е непопустливо строг.

Управува со КГБ со железна тупаница

Петрозаводск, Карелиска советска република, СССР, 4 август 1978. Јуриј Андропов (десно), член на Политбирото на ЦК КПСС и шеф на КГБ разговара со Н. Горожанкин (лево), работник од фабриката за трактори „Онега“.

Во долгото управување на Леонид Брежњев (1964-1982) Андропов е една од најважните фигури за режимот и е на чело на КГБ од 1967 година. Се справи со голем број проблеми, вклучувајќи ги и меѓународните кризи во Блискиот Исток, Авганистан и Чехословачка, регионалните конфликти во СССР и потиснувањето на дисидентскиот отпор во земјата. Десетици дисиденти беа испратени на психијатрија под изговор дека страдаат од „психички болести“. Неколку стотици беа принудени да го напуштат СССР.

„Андропов никогаш не се срамеше од својата улога во борбата против дисидентите“, пишува Медведев. „Иако беше добро образован интелектуалец, тој не ја поднесуваше идејата за демократска опозиција или за јавни критики против советската комунистичка партија. Сметаше дека КГБ е неопходна и клучна организација за СССР“. Овој пристап, заедно со својата висока ефикасност и професионалност, го прави Андропов незаменлива фигура за Брежњев.

Борба против корупцијата

Јуриј Андропов, генералниот секретар на КП ЦКСС, на состанокот на Врховниот совет посветен на 60-годишнината на СССР.

Ова е една од причините поради кои Брежњев го избира Андропов за свој наследник и го назначи на второто место во земјата во 1982 година. Истата година умира Брежњев. Тогаш Андропов имаше 68 години, но го надживува својот долгогодишен шеф само 15 месеци.

Што постигнува додека е на власт? Андропов знае добро дека советската економија е во тешка состојба, дестабилизирана од огромните воени трошоци, и се обидува да ја поправи оваа ситуација. За да го стори тоа, тој започнува борба со корупцијата и „сивата економија“, која се ширеше на крајот на ерата на Брежњев.

Во исто време Андропов се обидува да ја подобри економската ситуација, така што ја затегнува дисциплината - полицијата започнува да го апси луѓе кои се по улиците во работно време, кои се напиени. Иако ова сигурно остава впечаток на општеството, овие мерки се прилично неефикасни - политичарот Александар Јаковлев, кој му помагаше на Михаил Горбачов за време на перестројката, вели: „Реформите на Андропов беа исто толку ефикасни како да се натераат воз, на кој му е истечено горивото да се движи побрзо, така што ќе го исполирате“. Веројатно Андропов имал поголеми планови, но судбината го лишува од времето што му е потребно за да ги заврши.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња