„Војна и мир“ е епски роман кој зборува за јавниот и за интимниот живот нa неколку семејства и за уште неколку стотина ликови, додека главната историска заднина на сите настани е војната помеѓу Русија и Наполеоновата Франција. Лев Толстој го преправал романот околу шест пати (а, неговата сопруга своерачно го препишувала) и успеал во него да го долови животот во Москва и во Санкт Петербург, како на благородништвото, така и на селанството, како во мирно, така и во воено време. Во Русија постои шега дека девојчињата ги читаат само страниците на романот кои се посветени на мирот, ги прескокнуваат описите на војната, додека момчињата, обратно, повеќе ги сакаат сцените на воените судири, одошто описите на чувствата на Наташа Ростова,
Толстој, општо земено, сакал да прикаже како големите историски настани влијаат на животите на обичните луѓе, колку се менуваат ликовите во бурните животни ситуации и како лошиот углед во општеството влијае на судбината на луѓето. Освен тоа, Толстој како ликови ги воведува Наполеон и рускиот цар Александар Први и ги прикажува нивните душевни состојби, како и внатрешниот живот на другите ликови, така што Толстој пишува за суштинските прашања на животот. Тој има создадено епска поема (секако, во проза) за националниот подвиг, нешто што на релативно младата руска литература претходно ѝ недостасувало.
Писателот со еднаква уверливост ги опишува внатрешниот свет на младата девојка Наташа Ростова и на стариот кнез Болконски, таткото на Андреј. Секако, во нашето кратко сиже не можеме да ги споменеме сите десетици ликови што Толстој ги создал со голема љубов и внимание кон најситните детали. Ги наведуваме само основните линии на заплетот и сцените што вредат да бидат запаметени.
Наташа Ростова е позната како млада и лекомислена девојка, но таа среќата ја бара во бракот и во децата, додека нејзиното семејство се дави во долгови, а нејзиниот свршеник гине во војната помеѓу Русија и Наполеон.
Прв том
Романот започнува во 1805 година со сцена на прославата во куќата на царската дворска дама Ана Шерер. Високото општество на Санкт Петербург ја коментира опасноста од Наполеон, нарекувајќи го дури и Антихрист. Тука ги запознаваме двата главни јунаци. Првиот е кнезот Андреј Болконски, кој тргнува во војна барајќи воена слава, иако неговата сопруга е бремена. Другиот е Пјер Безухов, вонбрачниот син на грофот кој има добиено огромно наследство (критичарите често сметаа дека Пјер е „гласот“ на Толстој). Поради финансиската ситуација тој станува добра прилика за женење и конечно се жени со „фаталната жена“ од високото општество Елена Курагина.
Потоа дејствието се сели во Москва и тука го запознаваме благородничкото семејство Ростови и нивните деца, меѓу кои е и Наташа Ростова, убава млада девојка преполна со живот.
Конечно, писателот го води читателот во војната во Европа. Руската војска се бори во битката кај Шенграберн, а потоа во битката кај Аустерлиц. Андерј Болконски не ја чувствува воената слава што ја очекувал и е ранет во една друга битка. Првиот том завршува со опис во кој Наполеон го набљудува бојното поле кај Аустерлиц по својот пораз и меѓу мртвите го забележува Андреј, кој е сѐ уште жив. Францускиот војсководец на војниците им наредува да ја преземат грижата за него и за другите ранети.
Втор том
Семејството на Андреј не знае дали е жив, но тој се враќа ноќта кога неговата сопруга се пораѓа (и умира на породувањето).
Пјер дознава дека неговата сопруга го изневерила (и дека веројатно има многу љубовници). Тој го предизвикува нејзиниот љубовник, храбриот офицер, на двобој, и го ранува. Пјер се разделува со жена си и... се приклучува на масонската ложа.
Несреќниот Андреј ја напушта војската и се грижи за својот имот. Тогаш го запознава таткото на семејството Ростови. Важна сцена во романот е кога Андреј за време на посетата на кнезот Ростов случајно ноќе ќе го слушне разговорот на Наташа Ростова која ја опишува убавината на ноќното небо и на месечината. Ненадејно кај него се буди желбата за живот. Набргу ја бара за жена Наташа, а таа се согласува, но по барање на таткото на Андреј, бракот е одложен за една година, која Андреј ќе ја помине во странство.
Додека Андреј толку многу ѝ недостасува, младата Наташа го запознава сеприсутниот Анатол Куракин (братот на Елен, жената на Пјер) на еден бал... тој ѝ се додворува и конечно бара од неа да ги напушти родителите и тајно да се омажи за него. Сепак, тоа не се случува (родителите дознаваат за овој план и ја спречуваат Наташа, при што се дознава дека Анатол е веќе оженет). Чувствувајќи се ужасно, таа му открива сѐ на Андреј кој тукушто се враќа во Москва.
По разидувањето помеѓу Наташа и Андреј, Пјер ја затекнува девојката расплакана и ги изговора легендарните зборови: „Доколку не би бил јас, ами најубавиот, најпаметниот и најдобриот човек на светот, во овој момент би паднал на колена и би ги побарал вашата рака и љубов“.
Трети том
Војната од 1812 година започнува и Наполеон тргнува кон Русија. Андреј се враќа во војска и е омилен во целиот полк. Дури и Кутузов, главниот руски војсководец, бара од него да биде во негова непосредна служба, но Андреј одбива. Откако е сериозно ранет, сместен е во болница во кревет покрај Анатол, кој ја има изгубено ногата... на негово изненадување Андреј кон овој кутар човек, свој некогашен ривал, не чувства бес.
Пјер исто така заминува во војна и наскоро го запознава својот ривал, поранешниот љубовник на Елен, кој од Пјер бара прошка. Соочен со голема опасност, изгледа дека рускиот народ се обединува и дека ги заборава ситните навреди.
Важна сцена е Бородинската битка, каде војската на Наполеон е поразена пред сѐ поради морални причини. Тие се освојувачи, додека Русите се борат за својата земја. Меѓутоа, француската војска продолжува да напредува кон Москва. Московјаните мораат набрзина да ги напуштат своите куќи... некаде по пат Ростови го среќаваат ранетиот кнез Андреј. И Наташа го негува.
Притоа Пјер решава да не ја напушта Москва. Тој мисли дека негова мисија е да го убие Наполеон! Но... Французите го заробуваат.
Четврти том
Како и на почетокот на првиот том, се наоѓаме на забава на високото друштво кај Ана Шерер во Санкт Петербург. Но, сега приказните за Наполеон не се апстрактни, ниту филозофски. Благородниците читаат вести за огромниот пожар во Москва по повлекувањето на руската војска. Конечно, исцрпените војници на Наполеон ја напуштаат Русија, а единиците на Кутузов ги прогонуваат сѐ подалеку и подалеку.
Потоа Андреј умира, а Наташа е очајна поради оваа загуба. Освен тоа, добива вест дека нејзиниот помлад брат Петја загинал во војната.
Пјер ја следи француската војска како нејзин заробеник. Меѓутоа, кога се приближуваат кон границата со Русија, партизанска група ја ослободува групата заробеници на Французите. И Пјер е слободен. Размислува за тоа да се ожени со Наташа... а и Наташа кон него сѐ уште има чувства.
Епилог
Пјер и Наташа се венчаваат во 1813 година, една година по војната, и имаат четири деца. Наташа пронаоѓа апсолутна среќа во бракот и во децата (поимањето на Толстој за совршена жена во општеството). Притоа братот на Наташа се жени со сестрата на Андреј Болконски. Минуваат време заедно, разговарајќи за надежите, за новиот живот и, секако, за политиката.
Притоа Толстој размислува за историјата... „Минаа седум години од 1812. Немирното историско море на Европа се смири меѓу бреговите. Изгледа како да заспало; но таинствените сили што го движат општеството (таинствени зашто не ни се познати законите што го одредуваат неговото движење) продолжуваат да дејствуваат“.
Пјер изгледа се приклучил на некоја тајна организација, ја критикува власта и се надева на големи промени.
Ваквиот крај би можел да биде почеток на друг роман на Толстој за кој писателот размислувал и сакал да го напише пред „Војна и мир“, роман за декабристите, за благородништвото што кренало бунт во Санкт Петербург во 1825 година. Меѓутоа, кога истражувал на оваа тема, писателот открил дека корените на оваа буна досегаат до војната во 1812 година. Така најпрво решил да напише роман за војната. Го започнал и романот за декабристите, но по третото поглавје се откажал, зашто не го пронашол „универзалното човечко значење“ кон кое секогаш тежнеел.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче